Saturday, October 4, 2025

Мицкоски, Фамилијата и „Дезертерите“: Видена авторитарна матрица

 



Полека, многу полека, почнува да се исцртува една позната слика. Не само односот кон поединците, туку и поширокиот модел – начинот на однесување кон сите кои се осмелуваат да мислат поинаку. Она што одамна го насетував во јавните настапи – тие ситни пукнатини на нетрпеливост и тивки предупредувања – сега полека излегува на површина. Мириса на нешто што веќе сме го дишеле. Не, не мислам на депонијата во Трубарево.

Сега појасно се чита меѓу редовите – и во самите јавни пораки и говори во кампањата. Немам намера да тврдам со непобитни факти; политиката секогаш носи сенки и полутонови. Но некои сигнали се премногу гласни за да се игнорираат.

Интересно е што на локални избори се најавуваат кадровски промени во судството – како да се избира Судски совет, а не градоначалници. Таквите пораки не се само кадровска политика. Тие се сигнал дека моќта сака да си ги среди релациите и критичарите на начин добро познат од претходните владејачки структури.

Не можам, а да не ги спомнам имињата кои оставија длабок белег: Груевски, Мијалков... Тие го означија моментот на прекршување на нашето демократско растење. Тоа не беше само политичка тегоба, туку колективна траума што не смее да се заборави. Кога лидерот не бара совет, туку амин; кога политичкиот подиум се претвора во престол – тогаш митот за „Дон“ станува реалност. А во таква структура, критиката не е дијалог, туку ерес.

Ризикот тогаш не е само за „непослушните“ – тој е за сите граѓани, за самата идеја на демократијата и за стабилноста на регионот.

Веројатно професорката Сиљаноска-Давкова не му одржала предавање на Мицкоски што значи „партија“ по дефиниција – дека таа не е семејство, ниту сопственост.

Токму последните јавни настапи на Мицкоски ја потврдуваат оваа авторитарна матрица. Моментот кога партијата се прогласува за „големо и широко семејство“ – како што самиот рече – и кога се бара „ред“, тогаш секој што не мисли исто веднаш станува „дезертер“.
„Секој оној кој што дезертирал од семејството... го предал семејството, лажно се претставува,“ – рече тој. Во таа нова структура нема место за несогласување, туку само за безусловна лојалност.

Во 21 век да се зборува за предавство, да се лепат етикети на оние што мислат различно, е само модерна форма на стара реторика која го уништува јавниот дијалог.

Затоа, потребни се две едноставни нешта: будност и свест.

Од сопствено искуство знам дека кога партиските врвови постапуваат слично, институциите стануваат декор, а не столбови на државата. Тие се колективниот имунолошки систем на општеството. Ако тој систем се зарази – сите стануваме ранливи пред желбата на моќта за апсолутна контрола.

Ако се урне довербата во институциите, цената ќе ја платиме сите.

Нека јавноста биде будна – за да не се вратиме во мрачното доба. Тоа е најдобриот лек против автократските тенденции, и најсилната одбрана на слободата.


Wednesday, September 24, 2025

Заборавете на Лајонез: Инвестирајте според законот и заштитете се

 


Водич за посигурно  инвестирање

Во светот на финансиите, привлечноста на високи профити често доаѓа со ризик од измами. Многумина од нас се запознаени со такви приказни, како што е случајот со Лајонез, каде ветувањата за лесна заработка се претворија во финансиски кошмар. За да се избегнат вакви ситуации и да се обезбеди сигурност на вложувачите, клучно е да се разберат законските рамки кои ги регулираат инвестициите. Во Северна Македонија, токму Законот за инвестициски фондови претставува еден од темелните столбови на финансискиот систем. Овој закон воспоставува јасна правна рамка за основање и функционирање на инвестициските фондови и друштвата за управување, со цел да ги заштити вложувачите и да обезбеди транспарентност и стабилност на пазарот.


Што е инвестициски фонд и како ве штити?

Инвестицискиот фонд е институција која ги здружува парите на голем број вложувачи и ги инвестира во различни хартии од вредност (акции, обврзници, трезорски записи) според однапред дефинирана стратегија. Овој концепт нуди неколку клучни предности кои директно ве заштитуваат:

  • Професионално управување: Со вашите пари управуваат лиценцирани професионалци – портфолио менаџери. Тие донесуваат одлуки за инвестирање врз основа на темелни анализи и експертско знаење, што го намалува ризикот од лоши одлуки.

  • Диверзификација на ризикот: Фондот ги вложува средствата во многу различни инструменти и сектори, што значи дека евентуалниот пад на вредноста на една инвестиција нема да има катастрофално влијание врз целото портфолио. Ова е една од најважните лекции што треба да се научи од случаите како „Лајонез“, каде парите беа концентрирани на едно место.

  • Транспарентност и контрола: Законот за инвестициски фондови бара редовно објавување на нето-вредноста на имотот на фондот, како и на сите трошоци и ризици. Како вложувач, вие имате право на увид во сите податоци и секогаш знаете каде се наоѓаат вашите пари.

  • Заштита на имотот: Имотот на инвестицискиот фонд е одвоен од имотот на друштвото за управување. Тоа значи дека дури и ако друштвото за управување доживее финансиски проблеми или банкрот, вашите пари се безбедни и заштитени, бидејќи тие се чуваат од страна на независна депозитарна банка.


Основни поими и концепти

Инвестицискиот фонд е заеднички имот составен од парични средства на вложувачите. За својот удел во фондот, вложувачот добива пропорционално право на добивката, но и на обврските на фондот.

Друштвото за управување е правно лице со посебна дозвола издадена од Комисијата за хартии од вредност, задолжено за управување со фондовите. Депозитарната банка, пак, има клучна улога како „чувар“ на средствата, водејќи сметки и обезбедувајќи дека имотот на фондот е одвоен и заштитен.

Овој систем се надополнува со редовно известување кон јавноста, прецизно пресметување на нето-вредноста на имотот и обврска за објавување на сите ризици и надоместоци.


Услови и ограничувања за друштвата за управување

За основање друштво за управување со фондови, потребен е минимален капитал од 125.000 евра. Со растот на вкупната вредност на средствата под управување, растат и законските барања за дополнителни сопствени средства, со цел да се обезбеди финансиска стабилност на управувачот.

Законот воведува и јасни ограничувања: друштвата не смеат да бидат во сопственичка или организациска врска со депозитарната банка или брокерската куќа, ниту смеат да купуваат сопствени удели во фондовите што ги управуваат. На тој начин се спречува судир на интереси и се гарантира независност.


Надлежности и активности

Друштвото за управување врши три основни групи на активности:

  • управување со имотот на фондовите;

  • продажба и промоција на уделите;

  • административни и организациски задачи.

Основната функција – вложувањето – останува негова директна одговорност и не може да се пренесе на друго лице.

Во меѓународниот контекст, законот дозволува отворање на филијали од странски друштва во Северна Македонија, како и излегување на домашните друштва на странски пазари, секогаш со претходна согласност од Комисијата. Посебно е значаен условот најмалку 20 % од средствата на филијалите од трети земји да се инвестираат во домашни хартии од вредност, со што се поттикнува развојот на локалниот пазар.


Надзор и заштита на вложувачите

Комисијата за хартии од вредност има централна улога во надзорот на овој систем. Таа може да наложува мерки, да одземе дозвола или да забрани работа во случај на неправилности. Заштитата на вложувачите е поставена како приоритет – нивните средства се одвоени од средствата на друштвото и не подлежат на ризици од стечај или финансиски проблеми на управувачот.


Заклучок

Законот за инвестициски фондови создава баланс помеѓу интересите на вложувачите, правната сигурност и потребата за развој на финансискиот пазар. Тој обезбедува јасни правила на игра: вложувачите имаат доверба дека нивните средства се заштитени, друштвата за управување добиваат стабилна регулаторна рамка, а државата гарантира транспарентност и контрола.

Вложувањето во инвестициски фонд не е гаранција за добивка, бидејќи вредноста на уделите може да варира. Сепак, тоа е сигурен начин да инвестирате во регулиран систем каде што вашата заштита е загарантирана со закон. Наместо да ги ризикувате вашите пари во непроверени шеми, одберете институција која работи под строг надзор на Комисијата за хартии од вредност. Инвестициските фондови се повеќе од финансиски инструмент – тие се алатка за мобилизација на капиталот и поттикнување на економскиот развој, каде правната регулација е гаранција за доверба и стабилност.


Friday, September 5, 2025

НЕДОВРШЕНА ПОДЕЛБА

 

Многу сериозни прашања за минатото и сегашноста во македонската политика открива изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на партискиот собир во Чаир. Тој тврди дека доколку Албанците сакале поделба на Македонија, ќе ја направеле со петнаесет илјади вооружени војници, а истата изјава предизвика бурна реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Но, јавноста не се замара со вакви сериозни изјави, веројатно чека вработување, тендер, можеби некое проектче

 Од ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека ДУИ бил во очај штом Ахмети се враќа 24 години наназад со тезите. Ќе морам да се согласам со дел од наводите во нивното соопштение дека во тие 24 години ДУИ, 23 години беше на власт и е учесник во целото газење, компромитирање и корумпирање на институциите. Бенефит и материјализирањето на најдоброто го осетиле само 50-тина луѓе од врвот на ДУИ, кои од овчари, земјоделци, механичари и слаткари станале шеици и тајкуни заради слабата држава и нивната перманентна закана и континуирана злоупотреба на етнички теми во ситуации кога треба да се зборува за реформи, иднина, подобар живот на граѓаните и борба против корупцијата – од која тие се преплашени – како што реагираа од ВМРО-ДПМНЕ преку своето соопштение по повод конкретната изјава на Ахмети.

Тука, само по себе, се наметнува прашањето колку години беа заедно на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и колку од наведените практики, ДУИ ги копираше од токму ВМРО–ДПМНЕ. Се поставува и прашањето далипрактиките на ВМРО–ДПМНЕ  служеа како прототип за градењето на партиска „внатрешна држава“ на ДУИ и колку души се офајдија од ВМРО–ДПМНЕ?

Оваа сериозна изјава на Ахмети и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, за жал мора да констатираме дека се две страни на истата паричка и отвараат многу прашања за опстанокот и иднината на самата држава.

Изјавата на Ахмети дека ќе ја поделел државата доколку сакале Албанците има втор дел од претходно,  во мај 2025 година, во Струга, Ахмети наведе дека ќе ја поделел, но предлогот за поделба дошол од страна на државата во 2001 година.

Да се потсетиме дека  2001 година на власт беше ВМРО–ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски, кој преку МАНУ и тогашниот претседател на МАНУ, академикот Ефремов, предложија анахрона идеја за размена на територии и население помеѓу Македонија и Албанија.

Ахмети должи да објасни на јавноста кога била предложена поделбата до него и со кого било разговарано. Како да заборавил  дека првите коминикеа на УЧК беа дека водат војна за ослободување на териториите на Албанците, што подоцна еволуира дека се борат за човекови права на. 

Ќе се потсетиме дека претходно, покојната Димовска, како  потпретседате на ВМРО–ДПМНЕ даде изјава во контекст дека не ја интересира Македонија надвор од потегот Подмоље-Групчин и дека за натаму е одговорен тогашниот нивен коалициски партнер, Арбен Џафери.Подмоље-Групчин е потег на поделба на Македонија од страна на фашистичките окупатори во текот на Втората светска војна.

Со оглед на сериозноста на изјавата како  сублимат на  наводите и фактите, Ахмети должи јавно да каже со кого преговарал, што му нуделе, до која фаза дошле преговорите, кој учествувал од страна на државата во понудата за поделба и на крајот кој ги спречил во таа намера. 

Истото прашање се однесува и на Георгиевски, ВМРО–ДПМНЕ за тоа време, како и за подоцнежните активности на Груевски и, секако на Мицковски, иако не беше активен учесник своевремено, поради инстутиционалниот капацитет на партијата и кадровскиот континуитет, респектабилно.

Сите тие должат одговори на сите овие прашања на граѓаните и на јавноста, но веројатно  дека набрзо ќе мораат да одговорат и пред нашите НАТО сојузници, во случај на негативна ескалација на настаните.

 Сите треба да наведат кои се високите раководители на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и претставниците на државата што договарале или заговарале поделба на Македонија, дали и со кои странски служби соработувале, и дали некој од тие актери моментално активно учествува во политиката на државата, како во ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ, мо и во која била  друга партија.

Само ќе потсетам дека високи западни дипломатски кругови брифираа и уште брифираат за политичари кои заговараат поделба на државата, а сега сме 2025 година.

Тука се поставува прашањето за јавноста: дали блокадата на процесот за европската интеграција е во корелација со идеите за можна поделба на Македонија?

Очигледно е дека прашањата за минатото и сегашното политичко однесување како  на Ахмети и така и ВМРО–ДПМНЕ бараат јавно објаснување и транспарентност. 

Јавното објаснување и расветлување на темните партиски табуа е неопходно за граѓаните, за нивната доверба во институциите, за нашата светла иднина и перспективата на  државата и идните генерации.

Saturday, August 30, 2025

Злоупотреби на тајните служби – системски дефект

 Последната внатрешна истрага во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) отвора нови прашања за тоа како институциите кои што треба да ги штитат граѓаните и нивните интереси често се користат за контрола и манипулација. 

Петнаесет месеци по смената на власта и доаѓањето на новиот директор, АНБ поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешен директор и група вработени за активности кои се случувале од 2019 до 2024 година.

Истрагата открила дека наводно биле следени опозиционери, медиуми, новинари и нивните контакти, како и јавни личности. Ништо ново во македонската историја на тајните служби – да се потсетиме на аферите: „Сина Птица“, „Дувло“, „Големото уво“ и „Вистината за Македонија“.

Целите на обработка на овие операции биле контактите на медиумите поврзани со политички структури од опозиција, како и функционери на опозицијата . Во сите случаи биле заобиколувани прописите, а во последниот случај биле затекнати и намерни одолговлекувања на безбедносните проверки за лица од политичката сцена.

Во пријавата на новиот директор на АНБ се наведува дека незаконски се користеле материјално-техничките ресурси на Агенцијата и се спроведувало следење на комуникациите, сценарио познато и во  сите претходните афери.

Секако, овој случај не е изолирана појава,  Македонските тајни служби низ годините, од ДБК и УБК до денешната АНБ, покажуваат повторливи модели на злоупотреби на моќта. Следењето  на медиуми, новинари, неистомисленици,  опозиционери,  фирми, берза,  не е само поединечен пропуст и инцидент, туку тревога  за системските слабости кои што перманентно се повторуваат,  како „дежа ву“ ефект  од прогласувањето на  независноста на државата во 1991 година до денес.

Суштинската поука која што не е извлечена од ниедна власт до сега  е дека моќта без контрола лесно се става над законот и спротивно на јавниот интерес. Ресурсите и надлежностите на службите мора да се користат за заштита на граѓаните и нивната безбедност, а не за нивно следење и ограничување на нивната слобода и права . Големите пропусти и непрофесионалноста во тајните служби, конкретно на УБК во минатото доведоа до случаи како што се на пример „Диво Насеље“ во 2015 година, кој што реално никогаш не доби соодветна завршница, а политичката одговорност беше покриена со оставките  на тогашната министерка за МВР, Гордана Јанкуловска, и директорот на УБК, Сашо Мијалков, по повик од Американската амбасада во Скопје.

Сите предходни случаи како да не беа предупредување за институциите, нивните вработени и политичарите дека довербата во институциите се гради само со транспарентност и отчетност, почитување на законите и процедурите, а недостасува професионалност, примена на мерит систем, департизираност и секако квалитетен парламентарен надзор.

Секогаш кога институциите ќе станат инструмент на партиската моќ, наместо гарант на правната држава, стануваат ризик за граѓаните и државата, се  соочуваме  со ерозија на правото и демократијата, а тоа  доведува до нарушување вербата во системот, безбедноста како на граѓаните така и на државата. 

Случајот со „Вистината за Македонија“ доведе до формирање на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО) – „ад-хок“ обвинителство договорено со пржинскиот процес, екипирано со сомнителни и непрофесионални  кадри, кои што ја предизвика најголемата позната правна хаварија во поновата историја во Македонија, после што  застареа еден куп кривични дела, пред се  на политичари.  Очекувањето беше  СЈО да ја врати  правдата и вербата во правната држава во  Македонија,  после цели 11 години режим. Секако да не заборавиме да се  потсетиме дека изборот на новиот директор на АНБ е поврзан со сомнежи за веродостојонста на неговите дипломи и сертификати, а сето тоа   завиено под сомнеж дека за неговиот случај конкретно не постапуваше Јавното обвинителство, што доведува до  можен сомнеж за  трговија со моќ и влијание.

Историјата на Македонските тајни служби алармира и потсетува   дека секоја власт, без јасни механизми за надзор и контрола, може да ја злоупотреби моќта за сопствени цели. 

Ова не е само прашање на минатото – тоа е директно  предупредување за иднината. Државата мора да воспостави јасни правила за функционирање на тајните службите, нивна контрола и контрола на  ресурсите со цел за да создадат  услови за  почитување на правата, пред се на граѓаните,

За политичарите треба да биде јасно дека  институциите мора да бидат во служба на јавниот интерес, а не инструмент за политичка манипулација. Само со почитување на правото и процедурите за контрола на тајните служби и системи може да се врати довербата и да се создаде функционална држава каде што моќта ќе се користи одговорно и транспарентно.


Thursday, August 14, 2025

ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – НИШТО НОВО, СЕ Е КАКО ДОСЕГА!


На претходните избори, ВМРО–ДПМНЕ вети: ќе го вратиме името, ќе го раскинеме Преспанскиот. Денес? Молк. Кој е сега на власт, почнуваме да се прашуваме.

Да се разбереме – јас бев против Преспанскиот договор. Но сега е реалност. И тоа го потврди и ВМРО–ДПМНЕ уште по локалните избори во 2021 година. Џабе не аплаудираше Мицкоски за НАТО.

Реториката дека ќе го раскинат Преспанскиот беше празно ветување. Исто како „нема Северна“, „ќе ослободиме бранители“, „ќе ја вратиме гордоста“. Пропаганда за масите. Во меѓувреме, претседателката помилува куп криминалци.

Цела година видовме само едно: фотељи, високи плати, патни трошоци, тендери.

Претседателката на Републиката, на Советот за безбедност, рече: „Ситуацијата е задоволителна“. Без ни едно „благодарам“ до НАТО. И тоа во време на светска безбедносна криза. Службите? Повторно во лична служба, не во државна. Лукративни интереси пред сè.

Кадровската политика на премиерот? Излишно е да се пишува. Никој не очекуваше вакви потези од професор на УКИМ.

Што се смени за една година? Речиси ништо.
Сведоци сме на оживување на кадрите на Груевски. Додадени транзициски кадри на Црвенковски и Георгиевски. Префарбани во нови партиски дресови. Истите тактики: купени дипломи, партиски послушници, увлекувачи, роднини, пријатели, непотизам, корупција, задушување на слободата на говорот и движењето.

Ќе речат, ние „малициозните“ живееме во минатото. Но прашањето останува: зошто „благонадежните“ коалицираа со „комуњарите“?
Сега Тричко стана благонадежен. Раскажува стари вицови од времето на Георгиевски. Можеби преспал на таванот на Каракачанов. Можеби сфатил дека да си „рабуден“ Бугарин носи милиони и кариера без ден работа.

Новото време? Сега бугарските „шпиони“ не се бугарски?!

Факт: тонеме. Економски. Демографски. И натаму.

А владата? Се фали со едно – ја врати полициската бруталност. Демонстрациија на сила. Пречекорување на  овластувања. Против граѓаните. И тоа, поттикнато од врвот на Владата.

Една година откако „Мурто“ го сменивме со „Курто“. Зар пак, побогу?!

Минус 130.000 гласа за ваква катастрофална политика? И тоа е малку.


Saturday, November 9, 2024

НЕ СЕ КЛАДИ НА ДЕМОКРАТИ

 


Не е толку неверојатен политичкиот камбек на Трамп во услови на целосно неверојатна и погрешна политика на демократите за време на мандатот на претседателот Бајден, почнувајќи од неговите здравствени проблеми кои што му пречеа во секојдневното извршување на обврските како претседател на најмоќната држава, преку лошата кадровска политика за високите функционери (на пример Ненси Пелоси), лошото справување со економската политика по Ковид кризата, преку војната во Украина и, секако, нездравото наметнување и форсирање на ЛГБТ+Квир правата како мејнстрим нормалност.
Да потсетам, тие луѓе во западниот свет ги уживаат сите права и немам ништо против тоа, но нивното агресивно наметнување во секојдневието и нормалноста, како и во училиштата, е токму една од големите причини што доведоа до пораз на демократите и нивните политики. Туркањето токму на овие политики кај нас премногу го чинеше СДСМ, затоа што раководството заборави дека огромен дел од гласачкото тело е повозрасно и конзервативно, а тн. „либерално јадро“ ги  „брка“ гласовите.

Да не потсетувам на случајот со педофилот Епштајн и настаните со раперот Пи Диди и обвинувањата дека токму познатите личности кои се на снимките на Диди ја поддржуваа Камала Харис.
Да не заборавиме на огромниот удел на милијардерот Елон Маск во победата на Трамп, секако прво со аквизицијата на платформата Х (Твитер) и успешните проекти на Маск пред изборите, како и посебниот однос на Трамп и неговиот тим кон новите медиуми и популарните „подкасти“ каде што беше сеприсутен, на пример гостувањето кај Џо Роган. За тој нов пристап му беше даден особен кредит на најмладиот син на Трамп, Барон.

Можеме слободно да кажеме дека на овие „судбински избори“, југот го победи северот.

Но, да се осврнеме и кај нас: Мицкоски ризикуваше и се обложи целосно, како што сакаше да каже Заев, во победата на Трамп и оствари неколку средби со негови блиски луѓе, како на пример со омилениот „разузнавач“ Ричард Гренел.
Ќе се согласиме дека е прилично храбро од Владата на Мицкоски, но тоа обложување  излезе како полн погодок во услови кога целиот регион се кладеше на демократите.
Да признаеме, Мицкоски не уживаше доверба од страна на демократскиот кампус, се надеваше дека после овој негов потег ќе почнат да дуваат поповолни ветрови од САД за него и ВМРО-ДПМНЕ, односно дека ќе може да каже „НЕ“ на бугарскиот диктат, како што сака тоја да го нарече. Легитимно, во секој случај, а тоа е слично  како и превртувањето на „плочата“ околу  проектот на Ехтел и Бенка. Треба да потсетиме дека Владата на Мицкоски прифати сè што не прифаќаше опозиционерот Мицкоски, а што беше побарано од страна на демократите, освен последното и најтешко прашање за внесувањето на Бугарите во уставот.

Секако, не треба да се заборави дека Стејт Департментот е контролиран од таканаречената „длабока“ држава која што е наклонета кон демократите, а истото важи и за Пентагон. Токму за превратот во американската меѓународна политика на кој што се надева Мицкоски ќе се води силна битка помеѓу Трампистите и „Длабоката држава“.
Избраниот претседател Трамп веќе најави кратење на многу средства кои што се трошат во странски држави, а ќе се пренаменат за здравствена помош и бенефиции за ветераните, на пример.
Аналитичарите се согласни дека овој пат, Трамп ќе биде многу поефикасен во своите намери поради претходно стекнатото искуство во претходниот мандат.
Трамп најави огромна промена во надворешната политика на САД, посебно кон ЕУ, и сведоци сме дека неговата победа ги исплаши европските лидери кои што сфатија дека ќе мора да ја консолидираат заедничката Европска надворешна политика од причина што повеќето од нив играа на картата на демократите, освен Орбан, сојузникот на Мицкоски.

Од тие причини, веројатно ќе мора да следи дополнително консолидирање на ЕУ по многу прашања, особено на нивниот однос кон војната во Украина, а видовме во Будимпешта дека истите цврсто стојат кон  нашата обврска да ги внесеме Бугарите во Уставот.
Мислам дека и на Мицкоски му стана дополнително јасно дека нашата позиција во однос на „НЕ“ внесувањето на Бугарите во уставот се отежнува по одговорот на словенечката кандидатка за еврокомесарка Марта Кос на прашањето на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дали ќе поддржи промена на преговарачката рамка со Северна Македонија, со кратко „НЕ“, а при тоа таа повторно потенцираше дека „Договорите мора да се почитуваат!“ (Pacta sunt servanda). Бугарските пратеници, секако, не ја пропуштија можноста да ја поврзат Марта Кос со југословенската тајна служба.

Претходно, Макрон на средба со Мицкоски истакна дека очекува неговата Влада да ги почитува веќе преземените меѓународни обврски.


Светот е во исчекување на првите чекори кои што ќе ги преземе непредвидливиот Трамп по преземањето на мандатот во јануари наредната година. 


Monday, October 28, 2024

ДАЛИ ПО ТРЕТ ПАТ ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ СЕ ЛИЗНЕ НА ТАЈНИТЕ СЛУЖБИ?!?!?

 

На 16 октомври 2024 година, Владата на Северна Македонија го назначи Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).

Медиумите истакнаа, по назначувањето на Христовски за нов директор, дека истиот ј бил активен во партијата ВМРО-ДПМНЕ пред неговото именување за директор на АНБ. Тој до неодамна ја извршувал функцијата претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје и ја извршувал функцијата   директор на Јавното претпријатие „Градски паркинг“ Скопје

Неговото назначување за директор на АНБ предизвика силни контроверзии, бидејќи законот забранува членови на политички партии да раководат со оваа агенција, а се појавија сомнежи дали Христовски ги исполнува сите законски услови за оваа позиција?! Според информациите, тој нема безбедносен сертификат "Државна тајна" и поднел барање за таков сертификат дури откако бил назначен за директор на АНБ.

Веднаш по назначувањето на новиот директор во јавноста  се отвори  прашањето дали Христовски има валиден сертификат за познавање на англиски јазик. Тој приложил уверение од јазично училиште во Пловдив, Бугарија, но во Пловдив не постои официјален TOEFL центар за тестирање, што фрла сомнеж врз автентичноста на сертификатот.

Премиерот Христијан Мицкоски јавно  побара од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да истражи назначувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Тој исто така најави дека, ако се утврди дека сертификатот за познавање на англиски јазик што Христовски го приложил е невалиден, ќе биде разрешен од неговата позиција. 

Добро информирани извори брифираат дека сепак Христовски не бил неговиот прв избор за директор на АНБна Мицкоски  туку некој негов близок пријател вработен во Алкалод, а Христовски е назначен по долгиот  и тежок разговор кој го имале тие двајцата. Добивам впечаток дека Мицкоски ќе биде пресреќен доколку Христовски не добие сертификат од НАТО.

Секако дека ќе се согласиме за  лошиот  почеток на мандатот на првиот човек на на АНБ, но тајмингот случајно се поклопи со интервјуто на Зоран Ефремов, поранешен директорот на сектор  во АНБ и  помошник во Министерството за внатрешни работи (МВР) за град Скопје,  со Васко Ефтов во подкастот "Во Центар". 

Во ова интервју, Ефремов не потсети на настаните од пред и за време на конфликтот во 2001 година во Македонија. Тој откри важни информации и предизвици со кои се соочувале безбедносните служби во тој период, особено во кадровски контекст и со начинот на управувањето со кризата и последиците од неа и комплетно ја долови сликата на „башибозукот“ којшто  владееше во безбедносните структури за време на министерувањето на поранешната министерка Доста Димовска, но и по неа кога на местото дојде Љубе Бошкоски. 

Ефремов, потсети дека кадрите на Димовска во МВР не се респектираа меѓусебно и немале воопшто никаква координација.

Објаснувајќи  Ефремов за тоа како нашите раководители, тогашниот премиер Љубчо Георгиевски и претседателот Борис Трајковски немале поим   што занчи поимот  безбедност, индиректо  потврди дека истото важело и за Доста Димовска која што заради  своите слаби перформанси и резултати, а поради аферата „Големото Уво“ мораше да се повлече од функцијата во предвечерието на конфликот со наводно оправдување дека жена не можела да командува за време на настаните кои што следеа. 

Мора да се потенцира дека тогаш Димовска како министерка, а ВМРО-ДПМНЕ како партија комплетно ги разочараа и изневерија нашите стратешки сојузници САД и ЕУ, со погрешната политика и неквалитетните кадри на клучни позиции за кои што и Ефремов изрази сомнеж дека купиле дипломи и звања, а и учествувале во разни криминални дејанија, а за жал сведоци сме дека таа практика продолжува и до денес. 

Ќе се потсетиме дека и самиот Георгиевски во своите јавни настани истакнува дека е „пишман“ за именувањето на Димовска во МВР, но и за довербата која што и ја дал за кадровски да ја води партијата во тоа време..

Ефремов ги истакна и моментите кои укажуваат на сложеноста на безбедносната ситуација во Македонија, и сподели своите размислувања за актуелната политичка клима. Интервјуто се фокусираше и на важноста на професионалноста во безбедносните служби и потребата од модернизација и реформи во АНБ, но аферата со новиот директор на АНБ остава сомнеж дека ВМРО-ДПМНЕ воопшто нешто учи од историјата која што се повторува и никако да извлече поука и да не ги повтори грешките од минатото кога заради тајните служби во 1991 година не ја формираше првата политичка влада во независна Македонија, а подоцна поради 2 афери со прислушкување паднаа владите и  на Георгиевски на и Груевски, а името кое што се врти позади тие две афери е токму Зоран Верушевски.

Сето ова не остава во прашалници дали и по четврт пат ќе имаме мешање на безбедносните структури во политиките на  ВМРО-ДПМНЕ и трет пад на влада токму поради несериозниот пристап кон безбедносниот сектрор?!?


Мицкоски, Фамилијата и „Дезертерите“: Видена авторитарна матрица

  Полека, многу полека, почнува да се исцртува една позната слика. Не само односот кон поединците, туку и поширокиот модел – начинот на одне...