Wednesday, September 24, 2025

Заборавете на Лајонез: Инвестирајте според законот и заштитете се

 


Водич за посигурно  инвестирање

Во светот на финансиите, привлечноста на високи профити често доаѓа со ризик од измами. Многумина од нас се запознаени со такви приказни, како што е случајот со Лајонез, каде ветувањата за лесна заработка се претворија во финансиски кошмар. За да се избегнат вакви ситуации и да се обезбеди сигурност на вложувачите, клучно е да се разберат законските рамки кои ги регулираат инвестициите. Во Северна Македонија, токму Законот за инвестициски фондови претставува еден од темелните столбови на финансискиот систем. Овој закон воспоставува јасна правна рамка за основање и функционирање на инвестициските фондови и друштвата за управување, со цел да ги заштити вложувачите и да обезбеди транспарентност и стабилност на пазарот.


Што е инвестициски фонд и како ве штити?

Инвестицискиот фонд е институција која ги здружува парите на голем број вложувачи и ги инвестира во различни хартии од вредност (акции, обврзници, трезорски записи) според однапред дефинирана стратегија. Овој концепт нуди неколку клучни предности кои директно ве заштитуваат:

  • Професионално управување: Со вашите пари управуваат лиценцирани професионалци – портфолио менаџери. Тие донесуваат одлуки за инвестирање врз основа на темелни анализи и експертско знаење, што го намалува ризикот од лоши одлуки.

  • Диверзификација на ризикот: Фондот ги вложува средствата во многу различни инструменти и сектори, што значи дека евентуалниот пад на вредноста на една инвестиција нема да има катастрофално влијание врз целото портфолио. Ова е една од најважните лекции што треба да се научи од случаите како „Лајонез“, каде парите беа концентрирани на едно место.

  • Транспарентност и контрола: Законот за инвестициски фондови бара редовно објавување на нето-вредноста на имотот на фондот, како и на сите трошоци и ризици. Како вложувач, вие имате право на увид во сите податоци и секогаш знаете каде се наоѓаат вашите пари.

  • Заштита на имотот: Имотот на инвестицискиот фонд е одвоен од имотот на друштвото за управување. Тоа значи дека дури и ако друштвото за управување доживее финансиски проблеми или банкрот, вашите пари се безбедни и заштитени, бидејќи тие се чуваат од страна на независна депозитарна банка.


Основни поими и концепти

Инвестицискиот фонд е заеднички имот составен од парични средства на вложувачите. За својот удел во фондот, вложувачот добива пропорционално право на добивката, но и на обврските на фондот.

Друштвото за управување е правно лице со посебна дозвола издадена од Комисијата за хартии од вредност, задолжено за управување со фондовите. Депозитарната банка, пак, има клучна улога како „чувар“ на средствата, водејќи сметки и обезбедувајќи дека имотот на фондот е одвоен и заштитен.

Овој систем се надополнува со редовно известување кон јавноста, прецизно пресметување на нето-вредноста на имотот и обврска за објавување на сите ризици и надоместоци.


Услови и ограничувања за друштвата за управување

За основање друштво за управување со фондови, потребен е минимален капитал од 125.000 евра. Со растот на вкупната вредност на средствата под управување, растат и законските барања за дополнителни сопствени средства, со цел да се обезбеди финансиска стабилност на управувачот.

Законот воведува и јасни ограничувања: друштвата не смеат да бидат во сопственичка или организациска врска со депозитарната банка или брокерската куќа, ниту смеат да купуваат сопствени удели во фондовите што ги управуваат. На тој начин се спречува судир на интереси и се гарантира независност.


Надлежности и активности

Друштвото за управување врши три основни групи на активности:

  • управување со имотот на фондовите;

  • продажба и промоција на уделите;

  • административни и организациски задачи.

Основната функција – вложувањето – останува негова директна одговорност и не може да се пренесе на друго лице.

Во меѓународниот контекст, законот дозволува отворање на филијали од странски друштва во Северна Македонија, како и излегување на домашните друштва на странски пазари, секогаш со претходна согласност од Комисијата. Посебно е значаен условот најмалку 20 % од средствата на филијалите од трети земји да се инвестираат во домашни хартии од вредност, со што се поттикнува развојот на локалниот пазар.


Надзор и заштита на вложувачите

Комисијата за хартии од вредност има централна улога во надзорот на овој систем. Таа може да наложува мерки, да одземе дозвола или да забрани работа во случај на неправилности. Заштитата на вложувачите е поставена како приоритет – нивните средства се одвоени од средствата на друштвото и не подлежат на ризици од стечај или финансиски проблеми на управувачот.


Заклучок

Законот за инвестициски фондови создава баланс помеѓу интересите на вложувачите, правната сигурност и потребата за развој на финансискиот пазар. Тој обезбедува јасни правила на игра: вложувачите имаат доверба дека нивните средства се заштитени, друштвата за управување добиваат стабилна регулаторна рамка, а државата гарантира транспарентност и контрола.

Вложувањето во инвестициски фонд не е гаранција за добивка, бидејќи вредноста на уделите може да варира. Сепак, тоа е сигурен начин да инвестирате во регулиран систем каде што вашата заштита е загарантирана со закон. Наместо да ги ризикувате вашите пари во непроверени шеми, одберете институција која работи под строг надзор на Комисијата за хартии од вредност. Инвестициските фондови се повеќе од финансиски инструмент – тие се алатка за мобилизација на капиталот и поттикнување на економскиот развој, каде правната регулација е гаранција за доверба и стабилност.


Friday, September 5, 2025

НЕДОВРШЕНА ПОДЕЛБА

 

Многу сериозни прашања за минатото и сегашноста во македонската политика открива изјавата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на партискиот собир во Чаир. Тој тврди дека доколку Албанците сакале поделба на Македонија, ќе ја направеле со петнаесет илјади вооружени војници, а истата изјава предизвика бурна реакција од ВМРО-ДПМНЕ. Но, јавноста не се замара со вакви сериозни изјави, веројатно чека вработување, тендер, можеби некое проектче

 Од ВМРО-ДПМНЕ наведоа дека ДУИ бил во очај штом Ахмети се враќа 24 години наназад со тезите. Ќе морам да се согласам со дел од наводите во нивното соопштение дека во тие 24 години ДУИ, 23 години беше на власт и е учесник во целото газење, компромитирање и корумпирање на институциите. Бенефит и материјализирањето на најдоброто го осетиле само 50-тина луѓе од врвот на ДУИ, кои од овчари, земјоделци, механичари и слаткари станале шеици и тајкуни заради слабата држава и нивната перманентна закана и континуирана злоупотреба на етнички теми во ситуации кога треба да се зборува за реформи, иднина, подобар живот на граѓаните и борба против корупцијата – од која тие се преплашени – како што реагираа од ВМРО-ДПМНЕ преку своето соопштение по повод конкретната изјава на Ахмети.

Тука, само по себе, се наметнува прашањето колку години беа заедно на власт ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и колку од наведените практики, ДУИ ги копираше од токму ВМРО–ДПМНЕ. Се поставува и прашањето далипрактиките на ВМРО–ДПМНЕ  служеа како прототип за градењето на партиска „внатрешна држава“ на ДУИ и колку души се офајдија од ВМРО–ДПМНЕ?

Оваа сериозна изјава на Ахмети и соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, за жал мора да констатираме дека се две страни на истата паричка и отвараат многу прашања за опстанокот и иднината на самата држава.

Изјавата на Ахмети дека ќе ја поделел државата доколку сакале Албанците има втор дел од претходно,  во мај 2025 година, во Струга, Ахмети наведе дека ќе ја поделел, но предлогот за поделба дошол од страна на државата во 2001 година.

Да се потсетиме дека  2001 година на власт беше ВМРО–ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски, кој преку МАНУ и тогашниот претседател на МАНУ, академикот Ефремов, предложија анахрона идеја за размена на територии и население помеѓу Македонија и Албанија.

Ахмети должи да објасни на јавноста кога била предложена поделбата до него и со кого било разговарано. Како да заборавил  дека првите коминикеа на УЧК беа дека водат војна за ослободување на териториите на Албанците, што подоцна еволуира дека се борат за човекови права на. 

Ќе се потсетиме дека претходно, покојната Димовска, како  потпретседате на ВМРО–ДПМНЕ даде изјава во контекст дека не ја интересира Македонија надвор од потегот Подмоље-Групчин и дека за натаму е одговорен тогашниот нивен коалициски партнер, Арбен Џафери.Подмоље-Групчин е потег на поделба на Македонија од страна на фашистичките окупатори во текот на Втората светска војна.

Со оглед на сериозноста на изјавата како  сублимат на  наводите и фактите, Ахмети должи јавно да каже со кого преговарал, што му нуделе, до која фаза дошле преговорите, кој учествувал од страна на државата во понудата за поделба и на крајот кој ги спречил во таа намера. 

Истото прашање се однесува и на Георгиевски, ВМРО–ДПМНЕ за тоа време, како и за подоцнежните активности на Груевски и, секако на Мицковски, иако не беше активен учесник своевремено, поради инстутиционалниот капацитет на партијата и кадровскиот континуитет, респектабилно.

Сите тие должат одговори на сите овие прашања на граѓаните и на јавноста, но веројатно  дека набрзо ќе мораат да одговорат и пред нашите НАТО сојузници, во случај на негативна ескалација на настаните.

 Сите треба да наведат кои се високите раководители на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и претставниците на државата што договарале или заговарале поделба на Македонија, дали и со кои странски служби соработувале, и дали некој од тие актери моментално активно учествува во политиката на државата, како во ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ, мо и во која била  друга партија.

Само ќе потсетам дека високи западни дипломатски кругови брифираа и уште брифираат за политичари кои заговараат поделба на државата, а сега сме 2025 година.

Тука се поставува прашањето за јавноста: дали блокадата на процесот за европската интеграција е во корелација со идеите за можна поделба на Македонија?

Очигледно е дека прашањата за минатото и сегашното политичко однесување како  на Ахмети и така и ВМРО–ДПМНЕ бараат јавно објаснување и транспарентност. 

Јавното објаснување и расветлување на темните партиски табуа е неопходно за граѓаните, за нивната доверба во институциите, за нашата светла иднина и перспективата на  државата и идните генерации.

Мицкоски, Фамилијата и „Дезертерите“: Видена авторитарна матрица

  Полека, многу полека, почнува да се исцртува една позната слика. Не само односот кон поединците, туку и поширокиот модел – начинот на одне...